Маврово нуди туризам во сите области!

02.08.2014 17:30

Најелитниот зимско-летен туристички центар во македонија-Маврово го развива туризмот во сите области, почнувајќи од скијањето, атрактивните спортови, се до летното уживање во езерските води или под дебелите сенки на густите шуми.предност е што овој предел е целосно населен и со доволен број сместувачки капацитети...

Планински масив со 2 илјади метри надморска височина и над 80 врвови, густа шума, ендемска фауна , бистро, чиниш природно езеро и како бисер нанижани села.Ова е сликата за Маврово,нашиот најелитен зимско-летен туристички центар. Тука е и Радика, нај убавата и нај опеаната река која тече низ целиот  предел,  кај народот познат како Река.
Реканските села се приказна за себе. Едно од најживописните е Јанче, стуткано  под галичката карпа. Во него се наоѓа единствениот голем хотелски објект, инвестиција на наш повратник од странство. 
 
Следејќи го течението на Радика, во правец на Маврово, не пресретна „Свети Јован Бигорски“, светилиште со најубавата архитектура, резби, но и со доволно сместувачки капацитети, обновени  по катастрофалниот пожар. А таму, посетители од секаде.
 
„Го посетивме Скопје, бевме и во Маврово а од тука заминуваме за Охрид. Таму ќе посетиме уште манастири, езерото“, вели Стефан Вратни од Братислава, Словачка.
 
Се искачуваме по патот, длабоко навлегувајќи во Националниот парк Маврово. Националниот парк Маврово е најголемиот во нашата држава а она што го прави уникатен е тоа дека во него се вклучени и сите околни села.
 
Населбата долж езерото е нанижана  со викенд-куќички ,главно од жители од Скопје, но и од други градови. Дел од нив ги нудат за издавање, но најчесто ги користат сами, за викенди или за годишен одмор.
 
„Додека бевме помлади и зима и лето доаѓавме ама сега само лето. Ме привлекува убавината на Маврово, чистиот воздух, зеленилото, езерото доаѓавме се бањавме во ова езеро“, ни кажа Рафајловска Радмила од Скопје.
 
Од другата страна на брегот, еден до друг се наоѓаат повеќе хотели , претежно елитни,за висока клиентела.
 
„Тука доаѓаат туристи скоро од целиот свет. Оваа година имавме доста туристи од Словенија, Полска, Унгарија, Чешка исто така“,  вели младиот менаџер на хотел во Маврово, Игор Маркоски.
 
Информативниот туристички центар е добра појдовна точка за сите кои за прв пат доаѓаа овде. Ги информира посетителите за се она што нуди најголемиот национален парк во земјава.
 
„Од странските посетители начесто имаме туристи од Чешка, Словачка еве последно време Белгија, Холандија, Израел повеќе се тие како втора дестинација затоа што главната им е во Охрид“, вели Драган Блажески од Информативен туристички центар Маврово.
 
Ако ги додадеме и другите потенцијали кои што нудат услови за екстремен туризам,кој го крева адреналинот и привлекува главно млади луѓе, ќе ја креираме целата слика за Маврово како место за живеење, туризам, рекреација и за полнење на батериите.
 
 
Јованчо Наумоски