Блиски Исток

Израел го поддржа ултиматумот на американскиот претседател Трамп

12.02.2025 16:49

Израел го поддржа ултиматумот на американскиот претседател Трамп, Хамас до сабота да ги ослободи сите заложници. Нетанјаху и нареди на војската се екипира во и околу Газа и да биде подготвена за интензивни борби. Од милитантната група велат дека Израел е одговорен за какви било компликации или одложувања на договорот за примирје. Шефот на Белата куќа ја повтори идејата Јордан и Египет да прифатат што повеќе палестински бегалци.

Светот стравува од ново разгорување на конфликтот на Блискиот Исток. Безбедносниот кабинет на Израел го поддржа ултиматумот на американскиот претседател Трамп, Хамас до сабота да ги врати сите заложници. Нетанјаху се закани со интензивни борби и нареди војската да се екипира во и околу енклавата. Милитантната група тврди дека Израел е одговорен за какви било компликации или одложувања на договорот за примирје.

„Во светло на најавата на Хамас за одлуката да го прекрши договорот и да не ги ослободи нашите заложници, и наредив на израелската одбрана да се екипира внатре и околу Појасот Газа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

САД, Египет и Катар сè уште се обидуваат да постигнат договор за втората фаза од примирјето, но можноста за нов бран на насилство расте. Регистрирани воздушни напади во Јужниот дел од Газа. Од Обединетите Нации побараа да се почитува договореното.

„Сакаме да се увериме дека заложниците ќе бидат ослободени, но секако сакаме да се погрижиме и двете страни целосно да ги почитуваат своите обврски во договорот за прекин на огнот. Треба да продолжат со сериозни преговори во Доха за втората фаза. Од суштинско значење е договорот за да се одржи“, изјави Фархан Хак, портпарол на ООН.

Шефот на Белата Куќа на состанокот со јорданскиот крал Абдула, ја повтори идејата Каиро и Аман да прифатат што повеќе палестински бегалци. Го обнови повикот Газа да биде контролирана од САД и развиена како туристичка област, но истакна дека не планира да ја купи енклавата.

„Нема што да се купи. Тоа е Газа, област разурната од војна. Ќе ја земеме, ќе ја одржиме и ќе ја негуваме. На крајот ќе се отворат многу работни места за луѓето на Блискиот Исток. Мислам дека може да биде дијамант. Тоа може да биде апсолутно огромно богатство за Блискиот Исток. И ќе има мир“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Јорданскиот крал Абдула вели дека ќе примат 2.000 болни деца од Газа, но се против планот на американскиот претседател за раселување на Палестинците. Генералниот секретар на арапската лига отфрла какво било раселување на жителите од Појасот Газа и Западниот Брег.

 

Маријана Димовска