Дамева и Чачарова-Илиевска ги анализираат документите против нивната интерпелација
Според Дамева, оставка се поднесува само доколку постојат оправдани причини, нагласувајќи дека сепак тоа е личен чин. Одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Судскиот совет е колективно тело, смета членот Тања Чачарова-Илиевска.

Дел од членовите на Судскиот совет за кои е поднесена интерпелација во Собранието изјавија дека писмено ќе се произнесат во законскиот рок. Нивната оценка е дека треба да се бара индивидуална, а не колективна одговорност.
„Интерпелацијата поднесена во Собранието ја добив доцна во текот на вчерашниот ден и во фаза сум на анализирање на причините и генерално на нејзината содржина. Кога ќе го изградам својот став ќе ѝ биде соопштено на јавноста, нема да остане јавноста без одговори, односно без мое произнесување“, изјави членот на Судскиот совет, Весна Дамева.
Според Дамева, оставка се поднесува само доколку постојат оправдани причини, нагласувајќи дека сепак тоа е личен чин. Одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Судскиот совет е колективно тело, смета членот Тања Чачарова-Илиевска.
„Она што ми падна во очи е дека се однесува на членот на Судскиот совет Тања Чачарова- Илиевска, а се зборува за колективна одговорност. Во моите излагања во многу наврати сум зборувала дека одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Советот е колективно тело. Ние сите гласаме со својот глас и во зависност од секој глас одредена одлука се носи според мнозинството гласови. Треба навистина добро да изанализирам и ќе дадам свој став во рокот предвиден во Деловникот на Собранието“, рече Чачарова-Илиевска.
