Не помина предлогот на Левица за ограничување на патните трошоци
Иако во собраниската сала имаше 100 присутни пратеници, „за“ гласаа 23 пратеници, еден беше „против“, а немаше „воздржани“.

На денешната собраниска седница не помина предлог-законот на пратеничката група на Левица за ограничување на патните трошоци за пратениците. По обраќањето на пратеникот од Левица, Амар Мецановиќ, претседателот на Собранието го стави предлогот на гласање за да се донесе по скратена постапка.
Иако во собраниската сала имаше 100 присутни пратеници, „за“ гласаа 23 пратеници, еден беше „против“, а немаше „воздржани“.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на својот фејсбук-профил напиша дека пратениците од власта не го изгласаа предлог-законот за намалување на патните трошоци на пратениците.
„Честито нови милиони евра, колеги патриоти. Со здравје да си ги трошите“, напиша Апасеив.
Пратеничката Даниела Белимова од движењето ЗНАМ денеска изјави дека нивниот став во врска со предложените измени на Законот за пратеници, а кои се однесуваат на патните трошоци останува принципиелен, како и дека ќе ги игнорираат сите предлози дојдени од Левица, чија единствена цел, како што рече, е популизам и креирање театар.
Од опозициската СДСМ велат, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН не се откажуваат од патните трошоци- додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, власта си го покажа вистинското лице.
