Обвинителство

Министерството за правда ја почна постапката за разрешување на државниот обвинител Коцевски

12.02.2025 15:53

Советот на јавни обвинители ја чека иницијативата на Владата за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Засега, воздржаност. Во врска со одлуката за назначување раководител во Вишото скопско обвинителство, велат дека процедурата е запазена.

Министерството за правда, по налог на Владата ја почна постапката за разрешување на државниот обвинител Коцевски. Се изработува документот којшто ќе ги содржи аргументите зошто се бара негова смена. Потоа, Советот на јавните обвинители ќе треба да даде позитивно или негативно мислење.

Премиерот Мицкоски повтори дека Владата опстојува на ставот за разрешување на Коцевски. Вели тој имал доволно време за да се покаже како борец за правда, но не ја оправдал довербата која му е дадена.

Одлуката за смена на Коцевски дојде по извештајот на Транспаренси Интернешанал кој нотираше назадување на земјава во борбата против корупцијата.

Владата оцени и дека Советот, незаконски назначил ВД шеф на скопското Вишо обвинителство.

 

Анита Димитријевска – Велковска