Се очекува одлука за ограничување на маржите
Владата на итна седница треба да донесе одлука за ограничување на профитната маржа. Очекува намалување на цените на оние производи што најчесто ги користат граѓаните, кои се проширени и на хигиената и на бебешката храна...

По надзорот на Државниот пазарен инспекторат кој направи анализа на цените на основните прехранбени производи, за изминатите 6 месеци, Министерството за економија даде предлог до Владата да донесе мерка за ограничување на маржите за десет посто.
„Ќе ги опфати сите они производи кои беа опфатени со есенската кошничка, предлогот е со ограничување на 10 посто од бруто профитната маржа на трговијата на големо и мало дополнета со производи коишто се непрехранбени производи меѓутоа потребни за домаќинствата, како што се производи за одржување на личната хигиена, бебешка храна“, изјави Марјан Ристевски заменик министер за економија.
Во следните два дена се очекува Владата да донесе одлука за ограничување на маржата на основните прехранбени продукти.
Заменик министерот за економија на средба со битолските стопанственици, бараа начин за подобрување на животниот стандард, поголем број на вработувања, поголеми плати, со цел младите да се задржат во државата.
Преку проекти од ЕУ програмите и УНДП се вработија многу млади, поддршката е голема но не е доволна, велат од Стопанска комора, потребно е да се работи на пораст на економијата како и нови програми за технолошка опрема за здрава и квалитетна храна.
„Бараме нови програми за технолошка опрема за здрава и квалитетна храна, таа опрема ќе ни даде квалитетни производи со кои ќе бидеме и конкурентни на пазарите, поевтини и квалитетни, изјави Мирко Велковски, претседател на Регионална стопанска комора Битола.
Битолскиот регион за 2024 бележи економски раст од 3 проценти и зголемен извоз за 5 проценти што е показател дека овој регион има потенцијал за развој на целата економијата во Македонија.
Александра Максимовска