САД-Русија

Се подотвораат дипломатски канали меѓу Вашинготн и Москва, ослободен американски учител

12.02.2025 17:51

Во утринските часови гореше небото над украинската престолнина по канонадата од руски балистички проектили. Додека светот е во очекување на мировните преговори меѓу Украина и Русија, се подотвораат дипломатски канали меѓу Вашинготн и Москва. Ослободен американски учител...

По три години затвор, Москва го ослободи американскиот учител Марк Фогел којшто, по слетувањето во базата „Ендрјуз“ крај Вашингтон, се сретна со шефот на Белата куќа. Мене ми изгледа проклето добро, рече Трамп, најавувајќи нова размена како огромен и важен дел за крајот на војната во Украина.

„Страшното сепак сè уште се случува, и ако сакаме да завршиме со тоа, мислам дека ова е многу важен елемент. И вие можете да бидете огромен и важен дел од завршувањето на војната во Украина“, изјави Доналд Трамп претседател на САД.

Размената ја заврши Стив Виткоф, милијардер и специјалниот пратеник на Трамп, откако ненајавено ја посети Москва. Рускиот прв дипломат Лавров смета дека доверливоста е предуслов за успешните преговори.

„Американските колеги ги објавија резултатите. Ние мислиме поинаку, молкот е најдобриот дипломатски пристап. Ова е остварено преку еден од каналите и контактите што ги одржуваме. Договорите треба да се доверливи“, изјави Сергеј Лавров министер за надворешни работи на Руската федерација.

Во Брисел состанок на министрите за одбрана, меѓу кои и македонскиот Мисајловски. Нов предлог од Вашингтон по зголемувањето на учеството од два на пет насто за одбраната. На мрежата на Маск, секретарот за одбрана Хегсет побара Алијансата да стане убиствена организација.

„Потполно има право, НАТО мора да биде смртоносна организација. Во спротивно не ќе можеме да го спроведеме одвраќањето на Русија. Таа постојано се вооружува и заканата е присутна. Ќе ја браниме секоја педа НАТО територија“, изјави Марк Руте генерален секретар на НАТО.

На само 12 дена пред заокружувањето на трите години од почетокот на војната во Украина, офанзивата на руските трупи продолжува во областа на Покровск и Часов Јар во западен Донбас. Украина возврати во Запорожје на Дњепар, Москва го ракетираше Киев со стотина дронови и балистички проектили. Рускиот заменик-шеф на советот за безбедност, влијателниот Медведев ја нарече глупост понудата на Зеленски до Москва за размена на територии.

 

Зоран Богатинов