Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на измените на КЗ
Многу дела се застарени, а Уставниот суд се сомнева дека тоа е заради уставноста на измените на Кривичниот законик. Поведе постапка. Следно ќе му испрати извештај на Собранието и ќе му даде рок да интервенира и да ги смени спорните одредби...

Уставниот суд поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените измени на Кривичниот законик од 2023-та година, со кој застареа голем број дела на поранешни функционери. Спорните одредби Судот ќе ги испрати до Собранието и ќе му даде рок од шест месеци да интервенира во Законот. Доколку не го стори тоа, Уставниот суд ќе одлучува за негово укинување или поништување. Според претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, овој закон направил непоправлива штета на државата.
„Имаме дефицит на одговорност, суфицит на неказнивост и пандемиски размери на корупција и злоупотреба на јавните функции. Ако е таква нашата реалност Собранието морало да води грижа кога ја креирало казнената политика. Затоа му даваме уште една шанса на Собранието да се корегира и покрај тоа што нашата одлука е класична одлука, таа претставува уставно судска санкција и тоа на државен орган како што е законодавецот кој очигледно постапил неуставно“, изјави Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд.
Уставните судии со спротивставени ставови. Судијата известител Елизабета Дуковска смета дека измените на Кривичниот законик не се во спротивност на Уставот и побара отфрлање на иницијативата на подносителот Павле Трајанов.
„Ние сме тука за уставноста, а тоа би било конкретно оценување на закон. Ние немаме надлежност да цениме дали овој закон е во согласност со Деловникот на Собранието и затоа не треба да се покрене постапка“, изјави Елизабета Дуковска – судијка известител.
Сепак, мнозинството судии гласаа поинаку. Дел сметаат дека со намалените казни за функционерите дадена е скриена амнестија, но дека е нанесена непоправлива штета по правната држава и правниот поредок.
„Станува збор за исклучително контроверзен закон, штетен за правниот поредок и го попречува спроведувањето на правото и правдата со лоша и непринципиелна казнена политика. Закон кој од формален и правен аспект е неуставен“, изјави Ана Данева Павловска – уставна судијка.
Со измените на Кривичниот законик на функционерите им се намалија казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување.
Поднесителот на иницијативата Павле Трајанов смета дека дури 800 поранешни функционери не биле санкционирани за незаконските постапки токму поради оспорените измени во Кривичниот законик.
Андријана Ѓурческа
