Трамп иницира мировни преговори за Украина
По три години крвава војна во Украина, на повидок мировни преговори. Американскиот претседател Трамп телефонски разговарал со шефот на руската држава Путин, а потоа и со украинскиот претседател Зеленски. Европските лидери предупредуваат, во мировните преговори мора да биде вклучена и Европската унија.

На речиси три години од војната, американскиот претседател Трамп најави итен почеток на мировните преговори меѓу Русија и Украина по разговорот со рускиот претседател Путин. Назначен е тим за преговори предводен од државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ретклиф и советникот за национална безбедност Мајкл Волц. Откако разговараше со Путин, Трамп имаше телефонски разговор и со украинскиот претседател Зеленски.
„Имавме одличен повик и тој траеше долго, повеќе од еден час. Имав и многу добар повик со претседателот Зеленски после тоа. И мислам дека сме на пат да постигнеме мир. Мислам дека претседателот Путин сака мир, претседателот Зеленски сака мир и јас сакам мир. Само сакам да видам дека луѓето престануваат да се убиваат“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Од Кремљ потврдија дека разговорот траел час и половина и дека двајцата лидери се согласиле дека решението на конфликтот е можно само преку мировни преговори. Украинскиот лидер го опиша разговорот како долг и значаен, нагласувајќи ја подготвеноста на Украина да соработува. Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, во Киев дискутираше за потенцијалниот договор за економска соработка со украинскиот претседател, за кој шефот на Белата куќа се залага како дел од основата за поголем мировен договор.
„Имавме многу суштински преговори со Соединетите Американски Држави. Имав разговор со претседателот Трамп, добар разговор, детален. Благодарен сум на претседателот за неговиот искрен интерес за нашите заеднички можности, за тоа како можеме да го доближиме мирот“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Американскиот пресврт на настаните ја шокираше Европа. Изјавата на Трамп предизвика негодување кај европските дипломати. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро повика и на директно учество на Европа во преговорите, нагласувајќи дека нема да има праведен и траен мир во Украина без учество на европејците.
„Не е во прашање само територијалниот интегритет на Украина или безбедноста на европскиот континент, туку е и иднината на меѓународното право, бидејќи напуштањето на Украина дефинитивно би значело вградување на правото на најсилните. Тоа би било покана до сите тирани и деспоти во светот да ги нападнат своите соседи, целосно неказнето“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.
Шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, истакна дека Украина не може да се реши без Украина. Полска и балтичките земји предупредија дека какви било мировни преговори без претходно зајакнување на воените капацитети на Украина, може да бидат опасни.
Маја Стојанова
