76 лица санкционирани во текот на вчерашниот ден затоа што возеле без возачка дозвола
Во рамки на вчерашните вкупно издадени 1039 платни нализи, евидентирани се и 76 случаи на управување на возило без возачка дозвола...

Министерството за внатрешни работи се вклучи во едукативниот проект на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ којшто, согласно веќе подготвената динамика ќе се реализира до крајот на учебната година за учениците од прво до четврто одделение во низа основни училишта на територијата на државата. Се планира во наредниве месеци, почнувајќи од завчера, полициските службеници во соработка со РСБСП да посетат преку педесетина основни училишта во државава при што преку практични предавања децата ќе ги учат основните сообраќајни правила и прописи, а дополнително во контекст на кампањата веќе се подготвени и испечатени околу 7.000 сообраќајни буквари и боенки за децата.
Всушност потребата за рана едукација ја поткрепуваат и полициските статистички податоци. Имено, вчера (12.02) во полициските сообраќајни контроли низ патиштата во земјава беа евидентирани дури 186 сообраќајни прекршоци од страна на пешаци, што во извесна мера секако говори за нивото на сообраќајна култура и одговорност. Секако, и натаму предничат прекршочните пријави по основ на непочитување на брзина на движење – 224, и непрописно паркирање – 285, додека пак по основ на неносење сигурносен појас регистрирани биле – 43 прекршоци, а за говорење на мобилен телефон при движење (возење) – 40 прекршоци.
Во рамки на вчерашните вкупно издадени 1039 платни нализи, евидентирани се и 76 случаи на управување на возило без возачка дозвола. Во осум случаи возачи минале на црвено светло а во четири случаи од сообраќај се исклучени алкохолизирани возачи. Исто така согласно Законот за возила евидентирани се 20 возила коишто биле нерегистрирани.
