свет

Европските лидери бараат вклученост во мировните преговори за ставање крај на руско-украинскиот конфликт

13.02.2025 16:56

По три години крвава војна во Украина, на повидок мировни преговори. Американскиот претседател Трамп телефонски разговарал со шефот на руската држава Путин, а потоа и со украинскиот претседател Зеленски. Европските лидери предупредуваат, во мировните преговори мора да биде вклучена и Унијата.

Украина и Европа не смеат да бидат исклучени од мировните преговори – децидни европските лидери откако американскиот претседател Трамп соопшти дека разговарал со рускиот и украинскиот претседател Путин и Зеленски. Генералниот секретар Руте побара за Украина обезбедување најдобра можна позиција во преговорите за ставање крај на војната.

„Се поставуваат јасни намери дека ни треба мир во Украина и многу сум среќен поради тоа. Но, мора да се увериме дека Украина влегува во позиција на сила. Мора да бидеме сигурни и дека никогаш повеќе нема да имаме ситуација како во Минск во која мирот не е издржлив. Со сојузниците работиме на овие конкретни чекори“, изјави Марк Руте – генерален секретар на НАТО.

Американски секретар за одбрана Хегсет негира какво било предавство на Украина, уверува дека Трамп работи за ставање крај на војната. Додаде дека руската инвазија врз Украина е само повик за будење на НАТО дека два насто трошоци за одбраната не се доволни.

„Секако дека не е предавство. Ниту една земја, како што истакна претседателот Трамп не презеде поголема посветеност за украинската мисија од САД, одобрувајќи 300 милијарди долари. Треба да зацврстат одбранбените способности на Алијансата“, изјави Пит Хегест – секретар за одбрана на САД.

Трамп по разговорот со Путин веќе назначи тим за преговори предводен од државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ретклиф и советникот за национална безбедност Мајкл Волц.

„Мислам дека сме на пат да постигнеме мир. Мислам дека претседателот Путин сака мир, претседателот зеленски сака мир и јас сакам мир. Само сакам да видам дека луѓето престануваат да се убиваат“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Зеленски изјави дека разговорот со Трамп бил суштински за доближување на мирот во земјата. А, од Кремљ истакнаа дека двајцата претседатели Трамп и Путин се согласиле дека решението на конфликтот е можно само преку мировни преговори.

 

Маја Стојанова