Како и кога настанала патриотската „А бре Македонче“?
Во почетокот на НОБ спонтано е создадена песната „А бре Македонче“ која стана химна на партизанското движење. Денес таа се обнароди и се пее како изворна патриотска песна, а текстот е актуелен во сите периоди од развојот на македонската држава...

Таа е химната на македонското партизанскот движење. Моралната поддршка на борбата, воскликот за слободата. И кога се јуриша и кога се слави по битката.
Како и кога е создадена? Почнала да се обликува веднаш по почетокот на востанието во октомври, во Прилепско. Меѓу два здива на партизанскиот марш е родена А бре Македонче. Се барала химна.
„Според моите истражувања, песната е создадена во периодот од 23 октомври и 8 ноември 1941. Во тој период, тројца борци од првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ добиле, условно кажано, партиска задача да создадат една песна која ќе го подигнува борбениот дух, борбениот морал на борците, а воедно ќе го поттикнува населението за приклучување во партизанското движење. Коле Чашуле, Крсте црвенкоски и Ордан Михајлоски Оцка, тројцата како и литературно надарени, а Оцка посебно музички надарен, бидејќи свирел на виолина и бил музички образован, ја добиле партиската задача и тие во тој период ги создаваат како стиховите, така и музиката“, вели Рубин Белчески, историчар.
Сопругата на покојниот Коле Чашуле Јелена Лужина ги пренесува неговите сеќавања.
„Се труделе да ја стокмат врз основа на мелодиската линија за една револуционерна песна од илинденскиот период што Оцка Михајлоски ја знаеше. Ги одредуваше тактовите и според тактовите испишаната песна која денеска има статус на народна песна. Прв пат е објавена 1943 година на Лопушник во Зборник на партизански револуционерни песни што го подготвил Кочо Рацин“, вели Јелена Лужина, театролог.
Во прилепско Царевиќ, во ноември 41-та се одржува првиот митинг во окупирана Македонија. Ова, според историчарите, е првото ослободено парче земја во Европа 41-та. Тука, песната „А бре, Македонче“ доживува огнено кршевање. Ја пее одредот „Гоце Делчев“, му се придружуваат жителите.
Преку ноќ „А бре Македонче“, почнува да живее. Не е шепот, се пее гласно во народната Револуцијата.
„Таа беше прифатена не само од нас партизаните, туку и од жителите. И тое ја пееја. Јас одлично се сеќавам кога во Егејскиот дел на македонија се наоѓавме. А бре, македонче стана химна на партизаните“, вели Благоја Чоноски, борец.
И до денеска е меѓу најпознатите песни. Ја има во првиот македонски филм „Фросина“, потоа и во „До победата и по неа“, во дует ја снимаат Бадев и Сариевски, ја преработувале Леб и сол, Гаро. Ја пеат навивачите и спортистите.
„А бре Македонче е инспирација за издржливост, непоколебливост. Нејзината поента „Македонско име нема да загине“ несомнено е поактуелна, а актуелна била секогаш, денеска е дури и поактуелна, отколку во мигот кога е напишана“, вели Јелена Лужина, театролог.
Секоја револуција има своја победничка песна. Македонската е А, бре Македонче.
Елизабета Митреска
