Македонското радио ќе се модернизира годинава
Се одбележува Светскиот ден на радиото. По неколку децении, застарената техника во Македонското радио годинава ќе биде заменета со нова, најави директорот на МРТ, Марјан Цветковски. Денеска во посета на радиото беше претседателот на Собранието, Африм Гаши. Потенцираше дека овој медиум е од државен интерес, покрај информативната има и други значајни функции…

Комплетно опремување и реновирање на Македонското радио во текот на годинава, најави директорот на МРТ, Марјан Цветковски на Светскиот ден на радиото. По неколку децении, застарената техника ќе биде заменета со нова. Целта е да им се овозможи на слушателите квалитетна програма, а на вработените подобри услови за работа.
„Во 2025-та, конечно после многу години, Македонското радио ќе добие комплетно опремување, ќе се реновираат сите студија, сите режии, но и техниката која е стара повеќе од 30-40 години, за среќа и на вработените и на слушателите, ќе биде променета оваа година“, нагласи директорот на МРТ, Марјан Цветковски.
По повод 80-годишнината од постоењето на Македонското радио и меѓународниот ден, радиото го посети претседателот на Собранието, Африм Гаши. Новинарите кои ја подготвуваат програмата на спикерот му приредија изненадување потсетувајќи го на времето кога бил дел од рап-бендот „Празни џебови“.
Гаши најави поддршка за развојот и модернизацијата на радиото бидејќи Собранието е негов основач. Радиото е од државен интерес потенцираше тој, бидејќи покрај информативната има и други значајни функции.
„Сакавме да покажеме дека Собранието, како една од најглавните институции во државата дава поддршка на Македонската телевизија и радио, затоа што тоа е државен интерес. Македонското радио и телевизија имаат и едукативна, интелектуална, културна и секаква друга димензија, и затоа ние треба да дадеме максимална поддршка на развојот на МРТ“, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Македонското радио емитува образовни, музички, забавни и информативни емисии. Првата програма покрај во Македонија, се слуша и во соседните држави.
Александра Велинова
