Здравство

Сезонскиот грип го достигнува пикот

13.02.2025 15:44

Пријавени 2.880 новозаболени, за пет проценти помалку од претходната недела – покажува извештајот на ИЈЗ. Но грипот и натаму ги полни клиниките. Комисијата за заштита од заразни болести со препорака да се забранат посетите во болниците.

Сезонскиот грип го достигнува пикот. За една недела, регистрирани се 2.880 заболени, за пет проценти помалку од претходната. Децата најмногу на удар. Вирусот е распространет низ целата држава, особено во Скопје. Во споредба со лани, истиов период, има зголемување од 50 насто.

„Се забележува зголемување на бројот на заболени слични на грип кој е над неделната граница за средна активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенцијата покажуваат дека има широка географска активност на вирусот на грип, а процентот на позитивност е над границата од 10 проценти пет недели по ред. Согласно достапните податоци, Македонија има висок интензитет на вирусот на грип во овој период“, изјави Марија Андоновска – директорка на Институтот за јавно здравје.

Грипот ги полни клиниките. Во амбулантите на Детска и во болницата „Козле“ лекарите прегледуваат и по 200 деца за едноденоноќие, има и хоспитализирани. Надлежните апелираат на превенција. Комисијата за заштита од заразни болести со препорака да се забранат посетите во болниците.

Вакцинацијата е најдобрата заштита од сезонски грип. Лекарите велат, штити од тешки форми на болеста, хоспитализација и од смртен исход. Годинава вакцина против грип во земјава примија повеќе од 70 илјади граѓани.

Од почетокот на сезоната, од грип заболеа околу 11.600 граѓани. Регистрирани се и два смртни случаја.

 

Андријана Ѓурческа