Автомобил влета во група луѓе во Минхен
Мини Купер со огромна брзина влета во група демонстранти во централен Минхен, најмалку 30-мина се повредени од кои двајца се во критична состојба. Сторителот е 24 годишен авганистанец, долгогодишен барател на азил. Тој е уапсен, властите оценуваат-станува збор за испланиран напад. Пред неколку недели во главниот град на Баварија се случи и напад со нож во кој беа убиени две лица, напаѓачот исто така беше Авганистанец...

Улиците Зидл и Дахауерштрасе во централен Минхен наликуваа на бојно поле. Авганистанец познат на полицијата за кражби и за криумчарење на дрога го насочи возилото во групата синдикални демонстранти кои бараа поголеми плати. Најмалку триесетмина беа прегазени, повредените се хоспитализирани, неколкумина се во критична состојба.
„Возачот што влета во групата е во моментов во притвор. Со тоа не веруваме дека постои каква било опасност за јавноста“, изјави Томас Шкелсорн-портпарол на полицијата во Минхен.
Авганистанецот, 24-годишник е долгогодишен барател на азил. Барајќи засолниште жителите по нападот се разбегаа во околните продавници. Во пресрет на предвремените избори за Бундестагот на 23 февруари, прашањето на неконтролираниот надзор врз индоктринираните имигранти повторно го отвори прашањето за протерување. Нешто мора да се промени реагираат водечките политичари.
„Секој што ќе изврши криминал во Германија, не треба сам да биде строго казнет и да биде испратен во затвор. Треба да им се прекине и престојот во Германија. Ова треба да се однесува и на земјите во кои е тешко да се репатрираат. Веќе го направив тоа со Кабул иако нема дипломатски односи“, изјави Олаф Шолц-канцелар на Германија во оставка.
Безбедносните експерти наведуваат дека за Авганистанецот, којшто преку балканската рута, влегол во Германија во 2016, веќе имало наредба за депортација. Зошто досега не била спроведена од надлежните, одговорот го бара баварското биро за екстремизам и тероризам и јавниот обвинител. Нападот е извршен во пресрет на Минхенската безбедносна конференција, којашто почна денеска и се одржува во баварската престолнина во наредните два дена.
Зоран Богатинов
