Продадени парцелите во индустриската зона „Црвени брегови“ во Неготино

03.08.2014 13:22

Индустриската зона „Црвени брегови“ во општина Неготино е комплетно распродадена. Сите градежни парцели сега имаат свои сопственици. Во оваа зона ќе се развива лесна незагадувачка индустрија од која бенефит ќе имаат жителите од овој регион, локалните компании и општината...

Десетте парцели во индустриската зона „Црвени брегови“ во Неготино се продадени. Неколку  правни субјекти учествувале на јавната лицитација. Понудените 12,5 хектари, неофицијално ги купиле три домашни компании.

Откако ќе поминат деновите предвидени за  жалби и приговори, ќе се обелоденат  имињата на новите сопственици но и цената по која се продадоа парцелите.

„Важно е за општина Неготино да влезат што е можно пореномирани компании и да се обезбедат барем 500-600 вработувања во индустриската зона Црвени брегови“, рече Ванчо Апостолов.

Покрај приливот на средства во локалната каса, продажбата на перцелите ќе овозможат сигурна работа за локалните градежни компании. Отварањето на нови работни места  е крајниот и можеби најголем ефект кој ќе го има општината, вели градоначалникот Апостолов  најавувајки дека според планот за економски развој на општината наскоро на продажба ќе бидат ставени и парцели од новата индустриска зона „Дуброво“.

 

Дијана Иванова