Разговори за ставање крај на војната во Украина
Разговорот Трамп – Путин ја бранува светската јавност. Невлегувањето на Украина во НАТО е почетна точка за какви било преговори за ставање крај на војната, вели шефот на Белата куќа. И ЕУ и Киев порачуваат дека за нив мора да има место на масата, бидејќи не прифаќаат наметнат мир...

Најавените мировни преговори ја зголемија загриженоста за иднината на Украина. На 1087. дена од војната, Украинците велат дека сакаат мир, се надеваат на крај на битките, но стравуваат дека мировното решени е на нивна штета.
„Беше илузија да се очекува нешто од Трамп. Сега можеме да видиме дека она што тој го вети беа само празни зборови“, изјави анкетиран.
„Трамп и Путин се чини дека имаат договор еден со друг. Трамп се фокусира само на нашите ресурси и ја издава нашата земја малку по малку. И тие не го сфаќаат сериозно предодредениот Зеленски“, додаде друг.
„Мислам дека се работи во корист на Русија и Трамп само сака војната да заврши“, рече трет.
„Се надевам дека ќе има целосен мир и дека агресијата од двете страни ќе запре. Мислам дека и во Русија и овде во Украина народот е веќе уморен од оваа војна“, изјави анкетиран.
Мора да се стави крај на војната во Украина и да запре нередот и крвопролевањето, дециден е американскиот претседател. Според Трамп, рано е да се каже каков ќе биде исходот но, неприклучувањето на Украина во НАТО ќе биде почетна точка во какви било преговори.
„Мислам дека кога ќе ја погледнете Украина и кога ќе го погледнете нередот во кој тие се, мора да се стави крај и да се запре. Русија зазеде прилично голем дел од територијата. И тие исто така од првиот ден, долго пред претседателот Путин, рекоа дека не може Украина да биде во НАТО. Сега, ако може да се преговара за подобар договор, тоа е во ред за мене. Сакам ова крвопролевање да престане. Но, што се однесува до преговорите, рано е да се каже што ќе се случи. Можеби Русија ќе се откаже од многу. Можеби нема“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Киев соопшти дека е подготвен да постигне договор со Вашингтон за отворање на огромните ресурси на клучни минерали за американски инвестиции, за возврат бара безбедносни гаранции од САД како дел од мировниот договор. Од руското МНР велат дека Украина ги добила сите шанси за дипломатија, и обвинија дека постојат поединци кои се спротивставуваат на преговори.
„Очигледно е дека има такви, внатре во режимот во Киев кои ќе продолжат да се спротивставуваат на какви било обиди за започнување на преговарачки процес и очигледно е дека тие луѓе ќе направат се за да се обидат да го попречат процесот“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Францускиот претседател изјави дека само Зеленски може да преговара во име на неговата земја со Русија за завршување на војната. Европските лидери побараа да учествуваат во сите идни преговори за судбината на Украина.
Маријана Димовска
