Несоодветно третирање го изгоре оризот во кочанско

03.08.2014 13:31

По глувците, кочанските земјоделци со нов проблем. Несоодветното користење на препаратите изгоре дел од посевите со ориз. Стручњаците со апел до земјоделците да купуваат само проверени препарати...

Непроверени, купени на црно и лошо употребени препарати ги горат оризите во Кочанско.

„Некои луѓе имаат употребено прекумерна доза од препаратите и кај нив се забележани оштетувања на посевите. Во други случаи, пак, е употребена мала доза и таму се соочуваме со присуство на плевел“, изјави Драгољуб Гаврилов од ПЕ на  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Стручњаците посочувата повеќе проблеми, но земјодлеците како најголем го истакнуваат користењето на препарати купени на црно:

„Има многу повеќе препарати купени на „црно“ отколку вака, зашто се поевтини. Разликата е околу 600 денари по препарат што за нас не е  малку“, изјави земјоделец од с. Тркање, Кочанско.

Разликата од 600 денари по препарат, некој може да ја платат многу скапо, зашто искуството земјодлеците ги научило дека секој препарат различно реагира  и со себе носи различни опасности.

„Тоа се непроверени препарати. Можат да се задржат на површината на зрното и да дојде до труење на луѓето“, сметаат дел од земјоделците од Тркање.

Поради ова, место за купување на препарати се земјодлеските аптеки.

„Ние гарантираме за квалитетот на препаратите. Тие се одобрени, сертифицирани и со гаранција од дистрибитерот за нивниот квалитет“, смета Горан Манов, вработен во земјодлеска аптека.

Инаку се уште не е утврдено колкави површини се оштетени од несоодветната употреба на препарати. Извесно е само дека онаму каде оштетувања се присутни, родот може да биде намален и за половина.

 

Оливера Жежова