Македонија

Пандов: Дел од затворските полицајци во Шутка не треба да носат полициска униформа, ќе одговараат

14.02.2025 14:35

Сите затворски полицајци кои ја валкаат униформата ќе бидат разрешени и кривично гонети, се закани првиот човек на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Во претресите кои следуваа по објавената фотографија со Васил Јованов, кај притвореници во Шутка пронајдени десетици телефони...

Сите затворски полицајци „со валкани“ значки, ќе се најдат зад решетки, се закани директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов. Дисциплинските постапки против двајцата затворски полицајци од затворот во Шутка кои му дале телефон на Васил Јованов се завршени, при претресите пронајдени десетици телефони.

„Откако викендот беше пронајден телефонот во Шутка, веќе во понеделникот од Интервентна полиција веќе беа отидени таму да направат претрес во притворскиот дел и беа пронајдени 70 телефони. По два-три дена подоцна повторно извршија претрес таму и беа пронајдени 35 телефони. Вчера, исто така, во полу-отвореното и отвореното одделение најдоа 30 и нешто телефони. Тоа се бројки што мене ме загрижуваат. Има дел затворски полицајци коишто работат во затворот Шутка кои не треба да носат полициска униформа и го срамат цел затворски систем. Треба да им биде јасно дека сите до еден ќе бидат фатени и ќе бидат избркани од работа. Ќе се потрудам со цел мој авторитет којшто го имам тие да се најдат позади решетки“, рече Пандов.

Претходно, Интервентна полиција направила контрола во штипскиот и затворот во Струмица, каде престојуваат 110 затвореници. И таму се пронајдени телефони.

Борис Грујоски