„Патинирани цитати“ од Мирчо Матевски Рисимкин на „Охридско Лето“

03.08.2014 13:40

Традиционално во рамките на „Охридско Лето“ се случува поврзување меѓу визуелните уметности, музиката и книжевноста. Така беше и со отворањето на изложбата на македонскиот еминентен уметник Мирчо Матевски Рисимкин под наслов „Патинирани Цитати“. Тој пред љубителите на уметноста во Oхрид се претстави со 16 дела...

Самиот наслов на изложбата „Патинирани цитати“ говори дека станува збор за еден пристап кон уметноста кој што реферира кон традицијата и кон минатото. Во делата на Рисимкин е воочлив геометризмот кој што во себе ја содржи патината на релациите кон минатото и традицијата, меѓутоа и поврзувањето на различните култури. Македонската култура и културата на Австралија, односно Абориџините, што можеме да ги видиме на некои платна, со оглед на неговиот престој во Австралија, рече промоторот проф. д-р Иван Џепароски.

„Многу јасен е неговиот однос кон писмото,писменоста,традицијата во форма на користење на глаголицата како сликовен пристап за понирање во длабочините на историјата“, рече промоторот проф. д-р Џепароски.

Рисимкин пред охриѓани се претстави со дела настанати во последните три-четири години по неговото враќање од Австралија.

„Тематски се базирани на нашата традиција и фолклор, писменоста која е создадена на овие простори,односно словенската азбука, бидејќи тоа е нешто што мене уште одамна ме интересирало“, рече Рисимкин.

Изложбата на која се претставени 16 дела е отворена во Куќата на Робевци, каде што токму македонската традиција доаѓа до израз.

 

Сашо Нелоски