Трговците со свои предлози на средбата во Министерството за економија, конечна одлука за маржите идната недела
Конечна одлука за ограничување на маржите во трговијата на големо и мало ќе се носи идната недела. Трговците денеска имаа средба со власта. Побараа да се намали бројот на производи, опфатени со предвидената мерка...

Намалување на асортиманот на производи од 1.000 на најосновните од 100 до 200 кои ќе имаат ограничена маржа – еден од предлозите кои трговците ги изнеле на средбата во Министерството за економија. Според нив, така би се постигнало реално намалување на цените и за потрошувачите би биле подостапни основните производи. Велат, со големиот опфат на производи ќе се намали контролата, а ќе се зголемат ризиците да бидат казнети од Пазарниот инспекторат.
Средбата се одржа зад затворена врата. На состанокот се разговарало за предлог-одлуката на Министерството за економија за ограничување на маржите на основните прехранбени производи, на детергентите и на бебешката храна. Од Министерството за економија велат дека ќе ги анализираат доставените предлози од дистрибутерите и трговците. Конечна одлука ќе има следната недела.
Александра Велинова
