Палевски планирал од Турција да оди за Москва
Во Кривичниот суд продолжи судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Обелоденето дека првообвинетиот Палевски од Турција сакал да замине за Москва...

Во моментите кога е грабната, а потоа и убиена Вања Ѓорчевска, првообвинетиот, Палевски 9, секунди разговарал со лице од Турција, на 2-ри декември испраќа порака дека резервирал авиобилет за Минск, три дена подоцна информира извесен Драган, дека планира да дојде во руската престолнина, па побарал помош да го земе од аеродром. Телефонската комуникација на Палевски во критичните денови, дел од долгата листа докази што ја презентираше Обвинителството. Според обвинителката Жаклина Крстевска, во моментите кога е извршено двојното убиство, Палевски не одговарал на повиците на неговиот телефон.
„Со анализа е утврдено дека на 22.11.2023 имал 7 пропуштени повици, а првиот остварен разговор бил во 12.10 часот. На 27.11.2023 зборувал преку Телеграм во 11 часот, 3 минути, откако претходно пропуштил два повика. На Ватсап има разговори со само тројца корисници. На Фејсбук се користени 9 различни профили, од кои од интерес се 2 комуникации со Стефан Димовски и со Влатко Кешишев“, велат од Обвинителството.
Покрај телефонската комуникација, обвинителката набројуваше предмети кои се најдени при увидот на местото на настаните – отпушоци, вреќата во која бил завиткан Жежовски пред да биде закопан. Шишиња се подигнати од „реното кангу“, лопата, машка јакна, одземена од обвинетиот Влатко Кешишев.
Обвинителството предложи до судот и нови докази, снимки од безбедносните камери на куќата на обвинетиот Велибор Манев. Адвокатот на Палевски реагираше дека не може во тек на судење да се изнесуваат нови докази.
На почетокот на рочиштето Љупчо Палевски – Палчо побара изземање на тројцата обвинители, кои како што рече, дозволиле да се фалсификуваат докази и лажни сведочења.
Викторија Милевска
