Свет

Украина во фокус на Безбедносната конференција во Минхен

14.02.2025 16:56

Почна Минхенската безбедносна конференција – разбудени надежи за ставање крај на војната во Украина, но Зеленски вели – разговорите со Трамп не се доволни за мировен план…

Како до мировен договор во Украина е во фокусот на Безбедносната конференција во Минхен, каде првпат присуствуваат претставници на новата американска администрација, германските власти, претставници на Европската унија и на Украина. Има надеж дека ќе се стигне до разумно решение.

„Претседателот Трамп разговараше со претседателот Путин и претседателот Зеленски и сигурен сум дека е можен пат за прекин на војната што сите го посакуваме. Каков ќе биде крајот ќе има траен ефект на нашиот безбедносен ред и врз влијанието на ЕУ и САД во светот“, изјави Франк-Валтер Штајнмајер, претседател на Германија.

„Украина сака мир од силна позиција, и ЕУ исто така. И претседателот Трамп кажа дека САД се целосно посветени на мир преку сила. Затоа верувам ако заедно работиме може да испорачаме траен праведен мир“, изјави претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

„Врвен приоритет на администрацијата на Трамп е загриженоста со европската безбедност и веруваме дека можеме да дојдеме до разумен договор меѓу Русија и Украина. Исто така веруваме дека Европа во наредните години мора многу повеќе да вложува во сопствената одбрана“, нагласи Џеј Ди Венс-потпретседател на САД.

Зеленски смета дека досегашните разговори со американскиот претседател Трамп не се доволни за формирање мировен план.

„Никогаш нема да ги признаеме окупираните територии како руски. Сакаме да бидеме во НАТО. Ние веруваме во безбедносните гаранции на НАТО. Мислам дека тоа е најевтината опција за секого“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Ништо од разговори меѓу САД, Русија и Украина за мир на безбедносната конференција во Минхен. Нема руски претставници на безбедносната конференција, оти не се поканети.

„Тоа е политизирана одлука. Генерално е колосална грешка на самиот формат, кој од научно-политички е претворен во алатка за спроведување на апсолутно деструктивен курс, пред сè безбедноста во Европа“, рече Марија Захарова-портпаролка на МНР на Руската Федерација.

САД предупредија дека најголемата опасност за Европа не е однадвор, туку одвнатре.

Ирина Гелевска