Министерството за образование ќе субвенционира научни трудови
03.08.2014 13:45
Предвидено е да бидат доделени средства за најмногу 300 научно-истражувачки трудови во шест области: природно-математички науки, техничко-технолошки, медицински науки и здравство, геотехнички, општествени и хуманистички науки...
Министерството за образование и наука објави конкурси за научни и за творечки субвенции. Двата конкурса се за доделување еднократни финансиски средства од 30.000 денари.
Министерот Абдилаќим Адеми денеска на прес-конференција соопшти дека првиот конкурс е наменет за субвенционирање научни трудови на домашни автори објавени во меѓународни научни списанија со фактор на влијание во 2014 година.
Предвидено е да бидат доделени средства за најмногу 300 научно-истражувачки трудови во шест области: природно-математички науки, техничко-технолошки, медицински науки и здравство, геотехнички, општествени и хуманистички науки.
Вториот конкурс е за доделување творечки субвенции и се однесува на дејности реализирани во 2013 година од наставници и соработници на високоообразовни и научни установи од областите: архитектура, ликовна, драмска, музичка, филмска уметност и литература. Бројот на субвенциите не е ограничен. Условите за аплицирање се учество или настап на фестивал кој е член на Европската асоцијација на фестивали, учество на меѓународен проект и манифестација надвор од Македонија, како државен претставник или по пат на конкурс, аудиција или селекција.
Повеќе информации за субвенциите на МОН се содржани во конкурсите, објавени на веб-страницата www.mon.gov.mk. За творечките субвенции може да се аплицира до 31 октомври 2014, а за научните субвенции до 31 јули 2015.
