Муцунски за МТВ: Утрешната средба можност за позитивен исчекор во односите со Бугарија
Министерот за надворешни работи и надворешна политика Тимчо Муцунски утре на маргините на Безбедносната конференција во Минхен, ќе има средба со шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев...

Министерот за надворешни работи и надворешна политика Тимчо Муцунски утре на маргините на Безбедносната конференција во Минхен, ќе има средба со шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев. Ова ќе биде прва средба на високи претставници на двете земји по изборот на новата Влада во Софија.
„Ние како соседи треба да разговараме од гледна точка на духот на добрата верба, да зборуваме за прашања кои не обединуваат, да престанеме да создаваме поделби и да престанеме да создаваме омраза. Логичниот и очигледниот начин како ќе се движиме напред со позитивна енергија и позитивен дух, е доколку се тргнат сите бариери коишто не содејствуваат со европските вредности. Затоа, не е прашањето дали во текот на утрешниот ден ќе се решат сите предизвици, верувам дека нема да се решат. За некои предизвици е потребно и време, потребни се разговори, потребен е дијалог, но сметам дека е можност за позитивен исчекор“, изјави министерот Муцунски за МТВ.
Министерот Муцунски е дел од делегацијата што ја предводи премиерот Христијан Мицкоски на Безбедносната конференција во Минхен, во чиј состав се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Премиерот Мицкоски денеска во Минхен оствари средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, на која се разговарале за европските интеграции, за напорите и отстапките кои беа направени на тој план, како и за потребата да се отворат вратите на ЕУ.
Како што соопштија од Владата, Мицкоски посочи дека земјава заслужува да оди напред и конечно да не биде заложник на билатерални спорови и препреки, какви имаше и во минатото многу.
Од Минхен известува Анита Димитријевска- Велковска
