Охридски регион

Зголемен број на пожари во Охридскиот регион

15.02.2025 11:35

Зголемен бројот на интервенции на ТППЕ Охрид. Оваа грејна сезона се случени 33 пожари, десеттина повеќе од лани. Зголемен број на пожари има и во Општина Дебрца. Беше опожарен и заштитениот локалитет – Белчишкото блато …

Противпожарната единица Охрид оваа грејна сезона со полни раце работа. Од јануари до денес интервенирале на 33 пожари, десеттина повеќе од лани. Најчесто пожари на куќи настанати од неисчистени оџаци. Причинета е голема материјални штета, но нема повредени и ниту една жртва.

„Најголем број имаме пожари на оџачки канали, угостителски објекти, пожари предизвикани од електрични инсталации и уреди, пожари на сообраќајни средства и пожари на отворен простор. Најголеми предизвикувачи на пожари е дотраена електрична инсталација, несоодветни електрични продолжетоци и оџаците“, вели Борко Јанкулоски командир на ТППЕ Охрид.

Зголемен број на пожари има и во општина Дебрца, опожарен беше и заштитениот локалитет Белчишкото блато. Изгоре трска и ниска вегетација на површина од околу 7 хектари.

„Во Општина Дебрца имаме зголемен број на пожари на отворен простор. Изминатиот период намерно беше запалено Белчишкото блато коешто знаеме дека за Општина Дебрца е една атракција тоа е заштитено природно наследство и еден апел до СВР Охрид сè почесто да се присутни на тој потег“, вели Јанкулоски.

Противпожарната единица во Охрид има 39 пожарникари, а располага со шест возила во исправна состојба. Во тек е набавка на нови заштитни одела.

Соња Рилковска