Блиски Исток

Хамас ослободи уште тројца израелски заложници

15.02.2025 12:28

Хамас ослободи уште тројца израелски заложници. Израел врати со ослободување 369 палестински затвореници …

Хамас ослободи уште тројца израелски заложници во замена за 369 палестински затвореници. Киднапираните на 7 октомври 2023 година, Александар Труфанов, Јаир Хорн и Сагуи Декел-Чен беа предадени на работниците на Црвениот крст во Кан Јунис на југот на Појасот Газа.

„Нема зборови што можат да објаснат колку сме возбудени, колку го чекавме овој момент, колку долго го чекаа неговите другарки и целата оваа прекрасна заедница овде“, изјави Офри Брача, пријател на ослободениот американски израелски заложник.

„Го чекавме моментот да го видиме жив, да се врати насмеан и, да даде Господ, да биде предаден на израелската одбрана. Ги чекаме сите до последниот заложник“, Лилач Леви, пријател на ослободениот американско-израелски заложник.

Хамас претходно објави дека ќе го стопира спроведувањето на примирјето, но се премисли. Израел со поддршка на американскиот претседател, се закани дека ќе продолжи со борбите, доколку заложниците не бидат ослободени. Во меѓувреме, членовите на Арапската група ја отфрлија идејата Палестинците да се преселат од Газа во Јордан и во Египет, како што предлага претседателот на САД, Трамп.

„Ние, арапските земји, сакаме да видиме ривиера, палестинска Газанска ривиера во независната, меѓународно призната држава Палестина“, изјави Тарек Албани, амбасадор на Кувајт во ООН.

„Ние немаме татковина освен Палестина. Ја сакаме Палестина. Ќе го обновиме Појасот Газа. Ќе ја обновиме Палестина“, изјави Ријад Мансур, амбасадор на Палестина во ООН.

Светот стравува од ново разгорување на конфликтот на Блискиот Исток ако не се постигне договор за покомплицираната втора фаза, која бара враќање на сите преостанати заложници заробени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и неодредено продолжување на примирјето.

 

Маријана Димовска