Цени

Високите маржи го намалуваат земјоделското производство

15.02.2025 15:27

Наскоро и земјоделците на средба во Економија да си го кажат своето во врска со растот на цените. Велат, богатењето на нивни грб од страна на трговците прави да се намалува производството. Малите производители пак со ограниченото производство и продажба од праг ги избегнуваат маржите на трговците и дистрибутерите...

27-годишната Ангела Јовановиќ е агроном по професија и четири години производител на маџун. Тоа е гроздов производ корисен за здравјето. Како регистриран мал оператор на храна во процесот на производство е вклучен и технолог, а квалитетот го контролира Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во земјава има над 2.000 мали оператори на храна кои со финансиска поддршка од грантови и Министерството за земјоделство развиваат сопствени бизниси со производи препознатливи во светот.

Климатските промени го намалија земјоделското производство, а уште потешко е да се произведе органска храна. Но, потрошувачите се повеќе внимаваат што консумираат.

Откако трговците го вперија прстот кон производителите дека тие повеќе профитираат од нив, земјоделците велат дека трговците ги диктираат цени, а тие имаат најголеми трошоци. Дури се изненадени кога ќе ги видат производите кои им ги продаваат двапати, па и трипати поскапи во маркетите и на пазарите. Сè додека земјоделците се разединети ќе немаат доволно преговарачка моќ при формирањето на цените, вели Васка Мојсовска, претседателката на ФФМ.

Решението го гледа во договорено производство, субвенциите да одат кај вистинските земјоделци и да има гарантирана цена.

 

Александра Велинова