Безбедносна конференција во Минхен

Зеленски: Украина нема да прифати преговори без Украина

15.02.2025 16:00

Нема договор за Украина без Украина. Претседателот Зеленски гласен на Безбедносната конференција во Минхен...

Украина никогаш нема да прифати договори без Украина, истото правило треба да важи за цела Европа, истакна украинскиот претседател и предложи да се формираат европски вооружени сили. Потенцираше дека не може да се исклучи можноста САД да одбијат да и помогнат на Европа за прашања што и се закануваат.

„Три години војна од целосен обем докажаа дека веќе ја имаме основата за обединета европска воена сила. Има работи што ги споделив со претседателот Трамп дека пред сè, треба да видиме заеднички став. И реков, исто така, дека на маса ни треба и Европа. Тоа е многу важно за нас. Ние сме Европа и нашата иднина ја гледаме само во ЕУ како членка. Европа многу ни помогна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украина бара Русија да се повлече од заземената територија и вели дека мора да добие членство во НАТО или безбедносни гаранции за да ја спречи Москва повторно да нападне. Германскиот канцелар Шолц ја истакна важноста од зачувување на европската и американската безбедносна соработка притоа потенцирајќи дека војната во Украина мора да заврши.

„Ако Русија ја добие војната, а Украина изгуби, ова нема да води кон мир, ќе продолжат заканите по мирот и стабилноста, на Европа и пошироко. Нема да прифатиме ниту едно решение кое ќе води до капитулација на европската и американската безбедност, единствен човек кој ќе има корист од тоа е само претседателот Путин“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.

На Конференцијата за безбедност во Минхен, шефот на НАТО зборуваше за одржлив договор за крај на војната во Украина. Одново потенцирана потребата да се зголемат трошоците за одбрана за значително повеќе од 3 проценти од БДП.

„Сите се согласуваме, новата администрација во САД и европската страна на НАТО дека што и да излезе од договорот треба да трае. Тоа значи дека треба да биде одржливо. Постојат многу начини да се организира тоа. Но за да потрае, ако само украинците се грижат за сопствениот мир, тоа нема да биде доволно“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Белата куќа претходно соопшти дека не го гледа членството на Украина во НАТО како дел од решението на конфликтот.

 

Маријана Димовска