Мицкоски од Минхен: Пристапот кон ЕУ стана подвижна цел
Сведоци сме на балканизација на Европа, наместо европеизација на Балканот – порача премиерот Мицкоски од Минхенската безбедносна конференција. Некои балкански земји-членки ги донесоа балканските спорови и вредности во Брисел, наместо обратно. Македонскиот премиер обвини за двојни стандарди. Неговиот албански колега Рама, вели дека процесите во Западен Балкан се случуваат многу споро. Брисел ја разбира фрустрацијата.

„Сведоци сме на таканаречена балканизација на Европа, наместо европеизација на Балканот, рече на панел дискусијата во Минхен премиерот Христијан Мицкоски. Патот го почнавме заедно со Хрватска, пред две декади станавме кандидати, Хрватска е 10 години членка, ние останавме на исто место, посочи шефот на македонската влада. Мицкоски дециден „Промената на името не беше единствен пример за мешање во внатрешните работи. Беше и промената на знамето. Овде не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности“, дополни Мицкоски.
„За нас одлуките засновани на заслуги се нешто како бајка. Ние сме дел од Европа и сакаме да ги аплицираме европските вредности. Но, она што се случува е нешто што е комплетно различно. Жртви сме на билатаризацијата или да бидам попрецизен, нашето патување кон вас е многу покомплексно. Ние сме сведоци на таканаречена балканизација на Европа, наместо европеизација на Балканот. Некои балкански земји-членки ги донесоа балканските спорови и балканските вредности во Брисел, наместо да е обратно“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата.
ЕУ да размисли за она што се случува, особено во однос на брзината на процесите во Западен Балкан, порача албанскиот премиер Еди Рама.
„Можеме да зборуваме за заслуги цел ден, но време е да направиме брзо и чисто раздвојување. Заслугите мора да бидат за една работа, правото на глас во Европскиот совет. Треба да се размислува како земјите кои не се во ЕУ да се приближат до единствениот пазар. ЕУ мора да направи нешто за тоа“, изјави Еди Рама, албански премиер.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос посочи дека ја разбира фрустрацијата на земјите од Западен Балкан, но, рече дека не е добро што билатералните прашања се доведуваат во прашање. Ветува затворање на преговарачкиот процес во нејзиниот мандат само на две земји.
„Никогаш не е добро кога билатералните прашања се доведуваат во прашање, но тоа се случува одново и одново, ја разбирам фрустрацијата. За време на мојот мандат ќе доведеме две земји до крај на процесот за пристапување и ќе го затвориме преговарачкиот процес. За Западен Балкан, многу е полесно да станат членки на НАТО, отколку во ЕУ“, изјави Марта Кос, еврокомесар за проширување.
На тридневната Минхенска безбедносна конференција, македонската делегација предводена од премиерот Мицкоски имаше повеќе билатерални средби со високи ЕУ претставници. Во фокусот ЕУ интеграциите, напорите и отстапките кои беа направени на тој план, како и за потребата конечно да се отворат вратите за Македонија.
Наташа Гркова-Петрушевска
