Состанок на европските лидери за Украина
Во Париз, Макрон домаќин на неформален Самит на европските лидери. Во фокусот Украина. Средбата се одржува во период кога администрацијата на Трамп остро го критикува Брисел и има намера директно да преговара со Русија за крај на војната во Украина.

Преговорите меѓу Вашингтон и Москва за завршување на војната во Украина се очекува да почнат час поскоро. Украинскиот претседател Зеленски ќе биде вклучен во разговорите за прекин на огнот, потврди шефот на Белата Куќа. Трамп најави средба со рускиот колега наскоро, од Кремљ велат, Путин е подготвен, Трамп е добредојден во Русија.
„Се обидуваме да постигнеме мир со Русија, Украина и работиме многу напорно на тоа. Тоа е војна што никогаш не требаше да започне. Мислам дека Путин сака да престане да се бори. Го гледам тоа. Сакаат да го завршат ова брзо и двајцата, и Зеленски го сака тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Државниот секретар на САД е во Судиска Арабија. Украинскиот претседател, претходно во интервју за американската ТВ мрежа NBC, изјави дека не прифаќа одлуки за судбината на Киев договорена меѓу Вашингтон и Москва.
„Никогаш нема да прифатам какви било одлуки меѓу САД и Русија за Украина. Никогаш. Нема ниту еден лидер во светот кој навистина може да се договори со Путин без нас, за нас“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Британскиот премиер Кир Стармер вели дека е подготвен да испрати војници во Украина доколку е неопходно за безбедноста на Велика Британија и Европа. Европските лидери денеска на итен состанок во Париз за дополнителна стратегија за Украина.
„Претседателот на Републиката ќе ги собере главните европски нации на дискусии за европската безбедност. Тие дискусии не се реакција на изјави на кој и да е, Европејците ќе бидат собрани да разговараат за неколку теми“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.
Средбата следува откако специјалниот пратеник на американскиот претседател Трамп за Украина, Кит Келог, изјави дека Европа нема да има место на преговарачката маса за ставање крај на војната. Украинците велат дека го очекуваат најдоброто за својата земја, но не се сигурни за својата иднина.
„Би сакал сега да ги вратиме сите наши територии. Но, дали е можно? Не можам да кажам во оваа фаза“, изјави жител на Киев.
„Верувам дека треба да има правда за Украина. Затоа што прекинот на огнот го сметам за наш пораз“, рече жителка на Киев.
„Мислам дека ова е уште еден чекор кон светска војна. Трамп се обидува да го смири агресорот“, рече друг жител на Киев.
Киев и Москва продолжија со размена на беспилотни летала.
Маријана Димовска
