Голем туристички бран на охридско- струшкото крајбрежје
Од Свети Наум па се до Радожда сите плажи на охридско-струшкото крајбрежје се преполни со капачи. Август го донесе очекуваниот голем туристички бран, со што ќе биде надополнето пропуштеното во јули, кога поради лишите временски услови бројот на гостите беше намален...

Беа потребни само 24 часа по подобрувањето на временските услови за Охрид да се исполни со туристи и да го оправда епитетот-најголем македонски туристички центар.
Уште еднаш се потврди дека градот под Самоиловата крепост е брендот на македонскиот туризам, каде што се сместени најатрактивните и најпривлечни хотелско-угостителски објекти, а безпредметно е да се говори за убавината на езерото и плажите.
Денеска ве водиме на една од најубавите плажи на охридското крајбрежје, плажата Потпеш која се наоѓа под црквата Свети Јован Канео, по која Охрид е препознатлив во светот.
Турист од Србија вели: „Девет години со ред доаѓам во Охрид, откако го открив не сум отишол на море“.
„Доаѓам овде веќе триесет години. Овде е прекрасно, храната е добра, а домаќините се пријатни. Ќе дојдам повторно бидеќи Охрид е нешто посебно“, вели туристка од Словенија.
Покрај во бистрата езерска вода гостите се разладуваат и со пијалоци.Најомилени се коктелите.
„Странските гости што се на плажата ги обожаваат коктелите со вкусовите на Мохито, од јагода и од малина, тие се многу добри и многу барани, а исто така во нив можам да го вклучам и Бахама Мама“, вели барменот Иван Лотески.
Иако јули не помина според очекувањата хотелиерите се надеваат дека вкупната туристичка сезона ќе биде најмалку на минатогодишното рамниште.
Сашо Нелоски
