Македонија

Ѓорѓиевски: Не смее да има недопирливи функционери, ЗЕЛС иницираше законски измени за одговорност

17.02.2025 18:23

Според него, оваа законска промена е неопходна, бидејќи во моментов градоначалниците се единствените функционери во државата кои не можат да бидат отповикани, што е недозволиво во едно демократско општество.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес присуствуваше на четвртиот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, каде со министерот, претставници од Министерството за локална самоуправа, градоначалници, експерти, УНДП и граѓанскиот сектор се дискутира за клучните реформи што треба да ја направат локалната власт поодговорна и поефикасна.

Главното барање, кое беше иницирано од ЗЕЛС уште пред година и половина, е воведување механизам за отповикување на градоначалниците, чекор што ќе ја врати вистинската моќ во рацете на граѓаните. Претседателот Ѓорѓиевски порача дека локалната власт мора да биде ефикасна, отчетна и вистински одговорна пред оние кои им го дале мандатот и довербата.

Според него, оваа законска промена е неопходна, бидејќи во моментов градоначалниците се единствените функционери во државата кои не можат да бидат отповикани, што е недозволиво во едно демократско општество.

Она што ние од самиот почеток го побаравме, а наиде на најголем интерес кај јавноста е отповикувањето на градоначалник. Можноста, повторно суверенот-граѓанинот да ја има моќта и да го разреши оној кој го гласа и го назначува, односно градоначалникот, кој патем е единствениот функционер во моментот во државата кој не може да биде отповикан. Така што, уште еднаш ја поздравувам иницијативата на Министерството за локална самоуправа и се надевам дека на крајот на денот, сите заеднички ќе допринесеме за едно законско решение, едни законски измени кои на долг рок ќе бидат во интерес на граѓаните-изјави Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.