Утре почнуваат преговорите во Ријад за крај на тригодишната војна во Украина
Утре почнуваат преговорите во Ријад за крај на тригодишната војна во Украина. И Зеленски ќе биде дел од преговорите меѓу Вашингтон и Москва, потврди Трамп. Во Париз, Макрон домаќин на неформален Самит на европските лидери за дополнителна стратегија за Украина. Брисел внимателен по најавите дека нема да добијат место на преговарачката маса за крај на војната што ја започна Русија …

Утре во Ријад почнуваат преговорите меѓу Вашингтон и Москва за завршување на тригодишната војна во Украина. Зеленски ќе биде вклучен во процесот кога ќе стигне во понапредна фаза, потврди шефот на Белата куќа. Во Саудиска Арабија пристигна државниот секретар на САД, Рубио.
„Се обидуваме да постигнеме мир со Русија, Украина и работиме многу напорно на тоа. Тоа е војна што никогаш не требаше да почне. Мислам дека Путин сака да престане да се бори. Го гледам тоа. Сакаат да го завршат ова брзо и двајцата, и зеленски го сака тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Рускиот министер за надворешни работи лавров со тимот на американскиот претседател ќе ја договори и средбата Трамп – Путин.
„Претседателите се согласија дека е неопходно да се продолжи дијалогот за сите прашања кои можат да се решат на еден или друг начин со учество на Русија и сад. Ќе ги слушаме нашите американски соговорници и, се разбира, ќе бидеме подготвени да одговориме. Потоа ќе ги известиме нашите лидери кои ќе одлучат за следните чекори“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Киев и Москва продолжија со напади со беспилотни летала. Украинците велат дека го очекуваат најдоброто за својата земја, но не се сигурни за својата иднина.
„Би сакал сега да ги вратиме сите наши територии. Но, дали е можно? Не можам да кажам во оваа фаза“, изјави жител на Киев.
„Верувам дека треба да има правда за Украина. Затоа што прекинот на огнот го сметам за наш пораз“, изјави жителка на Киев.
„Мислам дека ова е уште еден чекор кон светска војна. Трамп се обидува да го смири агресорот“, изјави жител на Киев.
Британија, Германија, шведска не ја исклучуваат можноста да испратат мировници во Украина доколку е неопходно за безбедноста на Европа. Европските лидери на итен состанок во Париз за дополнителна стратегија за Украина, откако претставникот на Трамп, Кит Келог изјави дека нема место за Европа на преговарачката маса за ставање крај на војната.
Маријана Димовска
