Европа

Премногу непознаници пред вонредните избори во Германија

17.02.2025 12:53

Лидерите на Демохристијаните, на Социјалдемократите, на Ултрадесничарите и на Зелените ќе ги вкрстат копјата на телевизиска дебата на германската РТЛ во пресрет на вонредните избори на Бундестагот закажани за 23-ти февруари. Во водство за нов канцелар е Фридрих Мерц, со 32 насто гласови според последните анкети, но победата може да му ја помати Алтернатива за Германија, особено по последниот терористички напад во Минхен …

Премногу непознаници спроти вонредните избори за Бундестагот. На Берлин не му оди ниту со надворешната политика поради Вашингтон и Украина, потценета е и безбедноста и внатрешната политика поради терористичките напади и нерешливата миграција, економијата е на стаклени нозе, рецесијата владее трета година во европската локомотива. Незаобиколна тема на телевизиското соочување судбината на Украина, запоставувањето на Европа и американскиот став кон Брисел.

„Украина мора да биде демократска и суверена земја, без неа нема решенија. Како европејци нема да го дозволиме тоа. Европските партнери ќе дискутираат за ова“, вели Олаф Шолц-канцелар на Германија во оставка.

„Секоја почит, фактот дека сите состаноци се случуваат во Париз, фактот што Макрон презема акција во име на германскиот канцелар којшто таму е неколкучасовен гостин, не е улогата на Германија каква што си ја замислувам за ваков спор“, рече Фридрих Мерц-кандидат за канцелар на Германија (Демохристијанска партија).

Зелените и слободните демократи треба да освојат само неколку проценти. Сепак се од можно пресудно значење доколку се создаде широката коалиција меѓу Демохристијаните и Социјалдемократите, без Алтернатива за Германија, која имаше средба на највисоко ниво со потпретседателот Венс.

„Германците не се заинтересирани за американските препораки, ќе гласаат по свое. Но, не е добро однадвор да се мешаат. Американската администрација предводена од Трамп лансираше фронтален напад врз европските вредности“, изјави Роберт Хабек, Партија на зелените.

„Јасна беше намерата на Венс, се заложи за слободата на говорот. Не можете да изградите заштитен ѕид и да исклучите милиони гласачи. Ни појасни и дека Трамп конечно преку преговори ќе дојде до мир во Украина. Истово Алтернатива го бараше речиси три години“, изјави Алис Вајдел, ко-претседател на Алтернатива на Германија.

Во жестоката дебата, Вејдел го потсети Шолц за испраќањето на Таурус проектилите на Украина кои ја провоцирале Русија. Мерц возврати за апетитот на Путин кон територијата на НАТО. Не се укинуваат нуклеарни постројки во време на криза и тригодишна стагнација, рече лидерот на ЦДУ.

Пред два дена, во анкетите рејтингот на Алтернатива порасна на 21 насто, Демохристијаните паднаа за еден, на 29 проценти, Социјалдемократите треба да освојат околу 17 насто гласови, Зелените околу 13 проценти.

Зоран Богатинов