Трговија

Битката со цените во маркетите продолжува

17.02.2025 16:15

Трговците подготвија маржи по нивна мерка. Наместо илјада, бараат ограничување на само 150 производи. Владата на потег-чии математики ќе ги прифати. СДСМ достави предлог-закон за спас на животниот стандард....

Наместо 1.000, да се ограничат маржите на само 150 производи од 3 до 15 отсто, ова се дел од предлозите на трговците кои ги доставиле до Владата, Министерството за економија и Пазарниот инспекторат. Според нив така мерките биле ефективни и граѓаните ќе можат да почувствуваат реално намалување на цените. Намалувањето предлагаат да важи од 22 март до 22 април со што би се опфатиле претстојните празници Рамазан и Велигден. Еве ја нивната предлог листа:

„Шеќерот, маслото, брашното, млекото, пилешкото месо, да бидат со маржа од 3 проценти. За лебот, тестенините, оризот, за солта, за кафето, оцетот, за квасецот, рускиот чај, урдата, видови сирење, кашкавал, јајца, ајвар, зеленчук, овошје, пиво, бело и црвено вино, како и за дел од средствата за хигиена – прашок, паста за заби, тоалетна хартија, и друго, трговците предлагаат маржа од 10 до 15 проценти“, предлагаат од Стопанска комора на трговци на мало и големо.

Дел од граѓаните не веруваат дека трговците ќе ги намалат цените. Нивниот скептицизам се должи на тоа што не покажале ниту емпатија кон потрошувачите, ниту општествена одговорност. Но има и такви кои очекуваат поевтинување.

Трговците го подготвија овој предлог откако Владата најави ограничување на маржите на 10 отсто на основните производи до крајот на април. Но, тоа не се реализира, бидејќи трговците побараа итен состанок со Владата за да ги кажат нивните аргументи.

 

 

Александра Велинова