Долга листа за чекање, бегалците ги нема
Повеќе од два месеца, Груби недостапен на органите на прогонот.Правдата засега успешно ја избегнуваат и поранешниот директор на „Лотарија“ – Перпарим Бајрами и ексдиректорот на ЕСМ – Васко Ковачевски...

„Патував во приватна посета, не измислувајте и не шпекулирате. Веднаш штом ги завршам обврските ќе се вратам дома кај моето семејство“. Вака, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби им одговори на МВР и на Обвинителството кои информираа дека отвораат истрага против него во случајот „Државна лотарија“.
Оттогаш поминаа повеќе од два месеца, а Груби не се врати кај семејството. Полицаецот кој го пропушти на граница е суспендиран, а судот му определи притвор. Но, засега е неизвесно дали и кога ќе биде достапен на органите на прогонот.
Но, не е само Груби. Правдата засега успешно ја избегнуваат и поранешниот директор на „Лотарија“ – Перпарим Бајрами и ексдиректорот на ЕСМ – Васко Ковачевски.
Од Обвинителството велат дека ги преземале законските дејствија за ги донесат осомничените во земјава, но МВР биле тие кои се надлежни за потерниците.
Поранешниот обвинител Воислав Димоски за МТВ вели дека актуелните бегалци од правдата биле дел од власта која освен што ги смени законите, постави и персонални решенија во институциите за да може да избегне кривичен прогон.
Груби и Бајрами, според Обвинителството се товарат дека го оштетиле Буџетот за повеќе од 8 милиони евра, додека Ковачевски во случајот „Адитив“, заедно со уште 22-ца проневериле 6 и пол милиони евра.
Анита Димитријевска – Велковска
