Поречието станува туристичка атракција
Поречието широко ги отвори вратите за инвеститорите кои што овде видоа вистински туристички потенцијал. Природните убавини се вистинска мамка за посетителите кои што бараат сместувачки објекти за подолг престој. Околу езерото Козјак се почесто се градат индивидуални куќи...

Поречието во Македонски Брод станува вистинска туристичка атракција. Езерото Козјак, чистата природа, реката Треска, се магнетите кои ги привлекуваат гостите. Наголемо се градат ресторани и хотелски сместувања. У‘гостителите го „намирисаа“ потенцијалот на овој крај.
„Се одлучивме да изградиме ресторан како етно село со апартмани за да може да престојуваат гостите. Доаѓаат и многу странци од Данска, Полска и други дрќави“, вели Стојанчо Трпески, угостител.
И постоечките угостителски објекти секоја година се прошируваат.
„Секоја година се повеќе и повеќе се зголемува бројот на туристите, тоа ни дава елан и мотив да се прошируваме како во местата за седење така и во смеестувачките капацитети. Оваа година имаме нови 24 апартмани“, кажа Владо Цветкоски, угостител.
Општината веќе продаде 260 плацеви за викенд куќи покрај Езерото Козјак, исто така се продадени и две локации за хотели и една за ресторан. Поголемиот дел од овие објекти веќе се во градба.
Туристите се восхитени од недопрената природа во овој крај.
„Кога размислуваме за годишен одмор немаме дилема дека ќе дојдеме тука, каде човек може да ја доживее природата“, рече Јованчо Ангушевски, турист.
Угостителите сами си одгледуваат чист еколошки зеленчук, овошје и риба.
„Најмногу ги интересира природата која е еколошка и чиста“, истакна Стојанка Апостолова, угостител.
Општината иднината на својата економија ја гледа во туризмот.
„Секој ден се отвораат нови угостителски објекти. Ние како општина вршиме едукација на кадрите за да може тие подобро да ги примаат гостите. Освен ресторани се отвораат и нови хотелски капацитети“, изјави Милосим Војнески, градоначалник на М. Брод.
Поречието во иднина се очекува да прерасне во новата туристичка мека.
Дарко Штаргоски
