Руско - украински конфликт

Киев дециден, нема да учествува во преговорите меѓу Вашингтон и Москва за ставање крај на војната во Украина

17.02.2025 19:46

Вашингтон и Москва утре почнуваат преговори во Ријад за крај на тригодишната војна во Украина. И покрај најавите на Трамп дека Зеленски ќе биде дел од процесот кога ќе стигне во понапредна фаза, Киев дециден дека нема да учествува на нив, ниту пак, ќе го прифати исходот од нив. Во Париз итен состанок на европските лидери за дополнителна стратегија за Украина, откако САД и Русија јасно укажаа дека за нив нема место на преговарачката маса.

Официјален Киев дециден дека нема да учествува во преговорите меѓу Вашингтон и Москва за ставање крај на војната во Украина кои треба да почнат утре во Ријад, ниту пак, ќе прифатат каков било исход од нив. Реакцијата доаѓа по изјавата на Трамп дека Зеленски ќе биде вклучен во процесот кога ќе стигне во понапредна фаза.

„Нема да учествуваме затоа што не знаевме ништо за тоа. Сметаме дека сите преговори за Украина без Украина се преговори без резултати и не можеме да признаеме какви било договори што се однесуваат на нас во кои не учествувавме“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Државниот секретар на САД, Рубио, пристигна во Саудиска Арабија. Рускиот министер за надворешни работи, Лавров, со тимот на американскиот претседател ќе ја договори и средбата Трамп – Путин.

„Претседателите се согласија дека е неопходно да се продолжи дијалогот за сите прашања кои можат да се решат на еден или друг начин со учество на Русија и САД. Ќе ги слушаме нашите американски соговорници и, се разбира, ќе бидеме подготвени да одговориме. Потоа ќе ги известиме нашите лидери кои ќе одлучат за следните чекори“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Откако САД и Русија јасно и укажаа на Европа дека за нив нема место на преговарачката маса, европските лидери на итен состанок во Париз за дополнителна стратегија за Украина.

„Нема да можеме ефективно да и помогнеме на Украина ако веднаш не преземеме практични активности во однос на нашите сопствени одбранбени способности. Суверена и безбедна Украина со цврсти гаранции – е услов за нашата безбедност“, изјави Доналд Туск, премиер на Полска.

Киев и Москва продолжија со напади со беспилотни летала. Британија, Германија, Шведска не ја исклучуваат можноста да испратат мировници во Украина доколку е неопходно за безбедноста на Европа.

Бојана Крстевски