Украина

Вашингтон и Москва на преговарачка маса во Ријад, се крои судбината на Украина

18.02.2025 08:51

За САД средбата е можност да се види сериозноста на Русија за подготвеноста за мировни преговори, велат од Стејт Департментот. Москва тврди-разговорите се чисто билатерални и без учество на украински претставници...

Вашингтон и Москва на преговарачка маса во Ријад, се крои судбината на Украина. За САД средбата е можност да се види сериозноста на Русија за подготвеноста за мировни преговори, велат од Стејт Департментот. Москва тврди-разговорите се чисто билатерални и без учество на украински претставници.

„Важно е да се започне вистинска нормализација на односите меѓу нас и Вашингтон. Тоа се чисто билатерални разговори, не може да има други разговори во Ријад“, изјави Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател.

Изолирани од преговарачкиот процес, европските лидери по состанок во Париз повикаа на обединетост меѓу Европа и САД по прашањето за одговорноста на безбедноста на Украина. Најавија зголемување на трошоците во одбраната, но останаа поделени околу испраќање воени мировници.

„Не смее да има поделба на безбедноста и одговорностите меѓу Европа и САД – што значи дека НАТО се заснова на фактот дека ние секогаш заедно дејствуваме и сме во ризик заедно и ја гарантираме нашата безбедност преку ова. И тоа не смее да се доведе во прашање“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.

За Зеленски договор без учество на Киев во преговорите е невозможен. Разговорите во Саудиска Арабија треба да го отворат и патот за средба меѓу американскиот и рускиот претседател Трамп и Путин.