Изложбата на фотографии „Вечни тела“ во КИЦ
Во рамки на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографот Искра Шукарова вечер ќе биде отворена во Културно-информативниот центар – Скопје...

Изложбата на фотографии во рамки на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографот Искра Шукарова вечер ќе биде отворена во Културно-информативниот центар – Скопје.
Проектот, како што информира КИЦ-Скопје, е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонски народен театар, a потоа во Македонска опера и балет (денес Национална опера и балет-НОБ), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.
Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно. Жарко Стојчевски, пак, е фотограф кој е инспириран од возрасното тело, прикажувајќи го доблесно и достојно за почит.
Проектот е поддржан од Културно-информативниот центар – КИЦ – Скопје. Реализацијата на фотографските сесии е во Photo Factory. Соработници на проектот се: Сашка Костовска Длака, Емил Шулајковски и Кристина Стојчевска. Изведба на движења: Мила Блажевска, студент на катедра за балетска педагогија – ФМУ.
Изложбата ќе биде отворена до 2 март 2025 година.
