Почнаа разговорите Русија – САД во Ријад
Москва и Вашингтон се обидуваат да ги обноват билатералните врски и да го отворат патот за решавање на украинскиот конфликт. Седнаа на преговарачка маса во Ријад.

Вашингтон и Москва на преговарачка маса во Ријад, се крои судбината на Украина. За САД средбата е можност да се види сериозноста на Русија за подготвеноста за мировни преговори, велат од Стејт Департментот. Москва тврди-разговорите се чисто билатерални и без учество на украински претставници.
„Важно е да се почне вистинска нормализација на односите меѓу нас и Вашингтон. Тоа се чисто билатерални разговори, не може да има други разговори во Ријад“, Јуриј Ушаков – советник на рускиот претседател.
Изолирани од преговарачкиот процес, европските лидери по состанок во Париз повикаа на обединетост меѓу Европа и САД по прашањето за одговорноста на безбедноста на Украина. Најавија зголемување на трошоците во одбраната, но останаа поделени околу испраќање воени мировници.
„Не смее да има поделба на безбедноста и одговорностите меѓу Европа и САД. НАТО се заснова на фактот дека ние секогаш заедно дејствуваме и сме во ризик заедно, ја гарантираме нашата безбедност преку ова. Исто така, јасно е дека не станува збор за испраќање европски војници додека трае војната“, изјави Олаф Шолц – канцелар на Германија.
„Време е да преземеме одговорност за нашата безбедност, за нашиот континент. Подготвен сум за ангажирање на британските сили на теренот, заедно со другите, доколку има траен мировен договор. Но Американската безбедносна гаранција е единствениот начин ефикасно да се одврати Русија од повторен напад на Украина“, изјави Кир Стармер – премиер на Обединетото Кралство.
„Ако сакаме долготраен и праведен мир потребно ни е активно учество и на Украина и на Европската унија во разговорите. Европа треба еднаш засекогаш да ја постави својата безбедност и одбрана како општо добро“, изјави Педро Санчез -премиер на Шпанија.
За Зеленски договор без учество на Киев во преговорите е невозможен. По средбата со Ердоган во Турција заминува за Ријад, но потврди дека ниту ќе учествува на преговорите, ниту пак ќе прифати каков било руско-американски договор. Во интервју за германскиот јавен сервис Зеленски рече дека САД само се обидуваат да му удоволат на Путин.
„Проблемот е што САД кажуваат работи кои се многу пријатни за Путин. Мислам дека тоа е суштината затоа што сакаат да му угодат. Дали знаете за што? Да се запознаат и да постигнат брза победа. Но, она што тие го сакаат – „само прекин на огнот“ – тоа не е успех“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Разговорите во Саудиска Арабија треба да го отворат и патот за средба меѓу американскиот и рускиот претседател Трамп и Путин. Во Брисел средба на еврокомесарката фон дер Лајен со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, Кит Келог кој в четврток ќе го посети и Киев.
Бојана Крстевки
