Кратово привлекува странски туристи!

03.08.2014 17:52

Речиси нема посетител кој може да остане рамнодушен на впечатливиот иако нем поглед на сватовите од Куклица...

Стотина камени кукли, ама две легенди. Едната за бедната девојка што силно проколнака кога дознала дека момчето наместо со неа избрало да се жени со друга поимотна. Па невеста и младоженец и сватови камен се сториле.

Речиси нема посетител кој може да остане рамнодушен на впечатливиот иако нем поглед на сватовите од Куклица.

Според науката, камените фигури настанале поради ерозија од пред 10 милиони години.  Се чини за кратовска Куклица се слушнало надалеку.

„Прочитав дека има две легенди. Ги знам и двете. Но јас верувам во вистинската приказна за создавањето на камењата“, вели турист од Италија.

„Тоа е легенда за двајца љубовници кои што требаше да прават свадба, но потоа момчето заминало со друга девојка. Затоа првата девојка фрлила клетва врз сите гости и тие се претвориле во камења“, раскажува турист од Белгија.

А во градот погледот ви го впиваат шесте сведоци на минатото- кулите. Служеле за одбрана, ама и го покажувале точното време.

„Ако било 10 часот, механизмот отчукувал 10 пати- бидејќи во тоа време немало часовници, луѓето на тој начин се информирале“, објаснува туристичкиот водич Лиде Стојановска.

Најпосетени се Среската, Еминбеговата и Крстевата. Во внатрешноста  на последната, продре нашата камера. Тоа е единствената телевизиска екипа, која ќе ја пренесе нивната автентичност, вели соседот Лазо кому сопствениците му ги довериле клучевите.

А Кратово е се попосетувано.

„Прекрасно е. Всушност малку ни беше потешко да се снајдеме, бидејќи слабо се обележени местата, но луѓето се добри, фини, земјата ви е преубава“, велат туристи од Словенија.

Одушевени се од вкусната храна, особено од кратовската пастрмајка. Во кафетериите им се нудат фотографии од старо Кратово, додека го пијат пијалокот.

Вина стари десетици години и антиквитети, со соби за престој можат да се нјадат во познатата Етно куќа.

Градот некогаш го поврзувале 14 мостови, останале 6. Најспоменуван е Радиниот,   познат по преданието, за невестата што браќата ја соѕидале во мостот како жртва за да не се урива. И тоа е своевидна атракција.

 

Фиљана Кока