Песков: Путин е подготвен да преговара со Зеленски доколку е потребно
Вашингтон и Москва седнаа на преговарачка маса во Ријад, се крои судбината на Украина. За САД средбата е можност да се види сериозноста на Русија за подготвеноста за мировни преговори, велат од Стејт Департментот. Разговорите во Ријад треба да го отворат и патот за средба меѓу Трамп и Путин. Од Кремљ потврдија дека шефот на државата е подготвен да преговара со Зеленски доколку е потребно...

Вашингтон и Москва седнаа на преговарачка маса во Ријад, се крои судбината на Украина. За САД средбата е можност да се види сериозноста на Русија за подготвеноста за мировни преговори, велат од Стејт Департментот. Пред стартот на разговорите Москва потврди-тие ќе бидат чисто билатерални и без учество на украински претставници.
„Важно е да се почне вистинска нормализација на односите меѓу нас и Вашингтон. Тоа се чисто билатерални разговори, не може да има други разговори во Ријад“, рече Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател.
Разговорите во Саудиска Арабија треба да го отворат и патот за средба меѓу американскиот и рускиот претседател Трамп и Путин. Од Кремљ потврдија дека шефот на државата е подготвен да преговара со Зеленски доколку е потребно.
„Самиот Путин во повеќе наврати изјави дека доколку е потребно, ќе преговара со Зеленски. Во исто време, правната фиксација на договорите е предмет на сериозна дискусија, со оглед на реалноста што зборува за можноста за оспорување на легитимноста на самиот Зеленски“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Путин.
За Зеленски договор без учество на Киев во преговорите е невозможен. По средбата со Ердоган во Турција, заминува за Ријад, но потврди дека ниту ќе учествува на преговорите, ниту пак ќе прифати каков било руско-американски договор. Во интервју за германскиот јавен сервис посочи дека САД само се обидуваат да му удоволат на Путин.
„Проблемот е што САД кажуваат работи кои се многу пријатни за Путин. Мислам дека тоа е суштината затоа што сакаат да му угодат. Дали знаете за што? Да се запознаат и да постигнат брза победа. Но, она што тие го сакаат – „само прекин на огнот“ – тоа не е успех“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Кина ги поздрави сите напори посветени на мирот, но очекува сите засегнати страни да учествуваат во преговарачкиот процес. Украинците вознемирени и лути дека притисокот на Трамп за брз крај на тригодишната војна би можело скапо да ја чини нивната земја.
„Разговорите се апсолутно погрешни. Преговори без учество на Украина дефинитивно се нефер“, вели Украинец.
„Не е добро да се зборува за туѓи работи без наше учество. Чувствувам лутина и не можам да разберам зошто се случува вака“, рече Украинка.
Во Брисел средба на еврокомесарката фон дер Лајен со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, Кит Келог кој в четврток ќе го посети и Киев.
Бојана Крстевски
