Култура

Прва европска книга на ромски бајки „Сјајни ѕвезди“

18.02.2025 17:43

Денес во Битола се одржа настан – Европска конференција на која раскажувачи од осум држави Германија, Бугарија, Грција, Унгарија, Северна Македонија, Романија, Србија и Турција раскажуваа ромски приказни, кои се дел од првата европска книга „Сјајни ѕвезди“ која содржи 32 бајки. Целта на овој проект е да се зачуваат старите ромски бајки во печатена форма со што ќе им бидат достапни на идните генерации, а преку нив ќе се раскажува за традицијата и културното наследство на Ромите од Европа.

Пристапот на Ромите до светот на бајките на мајчин јазик е ограничен, затоа што ретки се приказните на овој јазик во пишана форма, со цел дел од нив да бидат подостапни за Ромите, во Битола се одржа првата Европска конференција на која раскажувачи од повеќе земји споделија наративи за културното наследство и традиција на Ромите.

Првичната идеја на овој проект е да се зачуваат ромските бајки како дел од културното наследство на Европа, да им се вратат бајките на ромската заедница со тоа што ќе се зачуваат за следните генерации во пишана форма, а истовремено ќе бидат достапни и за останатите народи.

Раскажувачи на овие бајки се старите Роми од Европа, приказните се собирани од врата на врата, по што добија печатена димензија, која е многу значајна за идната ромска популација, вели Фатма Аземовска.

Настанот и целиот проект на кој се работеше три години е дел од Еразмус плус програмата на Европската комисија.

 

Александра Максимовска