ЕУ мора да биде вклучена во мировните преговори за Украина, порака од самитот во Париз
Од Париз едногласна порака – Унијата мора да биде вклучена во преговорите. Брисел по секоја цена бара да биде вклучен во идните планови за мировниот договор за Украина…
Европа мора да има удел во мировните преговори за окончување на војната во Украина – заеднички став по состанокот во Париз, итно свикан од францускиот претседател Макрон, откако стана јасно дека Брисел ќе биде исклучен од разговорите за ставање крај на руската агресија. Потенцирано е дека традиционалните стратегиски партнери – САД и Европа, треба да застанат заедно зад украинското прашање. Германскиот канцелар Шолц го поздрави почетокот на преговори, но истакна дека Украина не мора да го прифати договореното во Ријад.
„Ние сè уште не сме стигнале до мир, се наоѓаме среде брутална војна што ја води Русија. Не смее да има поделба на безбедноста и одговорностите меѓу Европа и САД. НАТО се заснова на фактот дека ние секогаш заедно дејствуваме и сме во ризик заедно, ја гарантираме нашата безбедност преку ова. Исто така, јасно е дека не станува збор за испраќање европски војници додека трае војната“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
„Ако сакаме долготраен и праведен мир потребно е активно учество и на Украина и на Европската унија во разговорите. Европа треба еднаш засекогаш да ја постави својата безбедност и одбрана како општо добро“, рече Педро Санчез, премиер на Шпанија.
Траен мир во Украина, поддржан со силни и веродостојни безбедносни гаранции, побара францускиот претседател Макрон кој непосредно пред средбата во Елисејската палата, телефонски разговараше со американскиот и украинскиот претседател, Трамп и Зеленски. Европа мора да препознае нова ера во безбедноста, рече британскиот премиер Стармер. Истакна дека Лондон е подготвен да размисли за ангажирање британски сили во Украина, но мора да ја има американската заштита. На состанокот тема и проширувањето на европските одбранбени капацитети.
„Време е да преземеме одговорност за нашата безбедност, за нашиот континент. Подготвен сум за ангажирање на британските сили на теренот, заедно со другите, доколку има траен мировен договор. Но Американската безбедносна гаранција е единствениот начин ефикасно да се одврати Русија од повторен напад на Украина“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
„Ние, како Европа, мора да ги исполниме очигледните обврски, бидејќи нашата безбедност зависи од нив. Нема да можеме ефективно да и помогнеме на Украина доколу веднаш не преземеме практични активности во однос на нашите сопствени одбранбени способности“, изјави Доналд Туск, премиер на Полска.
Освен Британија, и Шведска и Франција не ја исклучија можноста за испраќање мировници по должината на линијата на фронтот, но, сепак состанокот во Париз заврши без јасни и прецизни насоки за распоредување европски трупи на територијата на Украина.
Маја Стојанова
Фото: ЕУ, 2025
