Нема простор за паника, стабилна е состојбата по појавата на шуга во кумановско
Здравствените служби активно ја следат состојбата по појавата на кожната болест-шуга, во кумановско училиште. Засега е потврден само еден заболен ученик. Епидемиолозите излегоа со препораки…

Стабилна е состојбата по појавата на шуга во основно училиште во кумановско Романовце. Простор за паника нема, уверуваат здравствените работници. Од Центарот за јавно здравје Куманово по извршениот увид информираат дека болеста е потврдена кај само еден ученик. Тој и сестрата која е ученичка, се во изолација. Кај останатите двајца ученици е потврдено дека не се симптоми на кожната болест, туку вироза и грип. Дадени се препораки до училиштето за да се спречи понатамошно ширење. Извршена е дезинфекција, и доставени се дополнителни средства.
„Заклучно до овој момент немаме известување дека некој од учениците развил симптоми на кожната болест, може да кажеме дека нема простор за паника и состојба е под контрола“, истакна епидемиолог д-р Едита Рамизи од ЦЈЗ Куманово.
И од училиштето потврдуваат дека е зајакнато одржувањето хигиена. Одржани се и предавања за болеста.
„Во сабота беше дезинфицирано, од службата секое утро и попладне се врши дезинфекција“, посочи директорот Скендер Рушити.
На подрачјето на ЦЈЗ Куманово од почетокот на годината се евидентирани седум заболени лица од шуга. Истите се на различна возраст од шесте општини. Лани се потврдени 119 случаи.
Шугата е препознатлива по интензивно чешање и кожни промени меѓу прстите, рацете, стапалата, стомакот, пазувот.
Препораката е да се одржува хигиена на високо ниво. Се верува дека паразитот може да опстане на гардеробата и до 72 часа.
Елена Георгиевска
