Македонија

Во Охрид граѓаните бараат целосна дигитализација на јавните комунални услуги

18.02.2025 16:03

Во денешното современо живеење со брз ритам времето е пари. Поради тоа јавните претпријатија во земјава мора целосно да ги дигитализираат услугите за граѓаните да не губат време одејќи пред шалтери за да поднесат приговор или пак да побараат некоја услуга...

Иако сите јавни претпријатија во Охрид имаат веб страници од организацијата на потрошувачите бараат подобрување на нивните перформанси.

Во делот на дигитализацијата во моментов има некои можности како што се плаќањето сметки, критики или пофалби, но нема можност за други услуги кои ќе им заштедат време на граѓаните.

„Секој граѓанин на Охрид кога има некој проблем да поднесе потрошувачки приговор електронски, а не да трча во самото јавно претпријатие, за истото да добие и електронски по пат на меил одговор или да се преземат конкретни чекори. Истото тоа се однесува на поднесувањето на барања кога ви треба одредена услуга“, изјави Татјана Тасевска од Организација на потрошувачи на Македонија.

„Треба да се подобрат услугите што ги даваат јавните претпријатија. Секако дека има поплаки, да се подигне нивото на комуникација со граѓаните, да се зголеми нивната ажурност, односно поажурни да бидат кога граѓаните ќе се пожалат на некој проблем“, изјави Вангел Спироски од Совет на потрошувачи Охрид.

Имаме европско законодавство кога станува збор за заштита на потрошувачите, но и граѓаните треба повеќе да се едуцираат за да ги знаат своите права.

„Во странство може секој цент, секое евро или дел од евро да им значи на граѓаните, зошто тоа кај нас да не биде. Значи малку треба и нашата навика како граѓани и потрошувачи да си ја смениме и да бараме одговори и да бараме почитување на нашите права“, изјави проф. д-р Ристо Речкоски – надворешен консултант на ОПМ.

Само на тој начин како што вели Речкоски ќе се подобрат услугите, бидејќи јавните претпријатија се должни да одговорат на приговорите на граѓаните во рок од 15 дена.

 

Сашо Нелоски