Гаши по интервјуто за „360 Степени“ на МРТ1 добил закани по живот
Како што пренесуваат од „360 Степени“, заканите веднаш биле пријавени во МВР.

По интервјуто на претседателот на Собранието за емисијата „360 Степени“ емитувана синоќа на МРТ 1, на службениот мејл на Африм Гаши стигнала порака со заканувачка содржина, во која се вели дека „ќе има бесење и колење на сè бугарско, фашистичко“ и дека ќе влезат во Собранието и ќе ги убијат сите што се за Бугарите ако се усвојат уставните измени.
Како што пренесуваат од „360 Степени“, заканите веднаш биле пријавени во МВР.
Инаку, Гаши синоќа во интервјуто за „360 Степени“ рече дека по изборот на нова влада во Бугарија може да се пристапи кон решавање на спорот, но оти не може веднаш да се очекува некој голем успех во разговорите.
„Гледајќи на овој проблем низ призма на заеднички интерес и на двете држави и на двата народа, македонскиот и бугарскиот, во смисла на регионална сигурност, мислам дека е од заеднички интерес да пристапиме кон решавање на овој спор. Односно, да се тргне бугарското вето за отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ. Мислам дека Бугарија ништо не губи, напротив, јас сум убеден дека тие добиваат, но само треба да чекаме малку време да спласне тензијата, да се разговара на масата со аргументи. Да го сфатат и нашиот контекст. И мислам дека САД и Брисел, ако помогнат малку, убеден сум дека уште малку ни треба да се одврзе овој јазол“, истакна Гаши.
