Оставка на Крстевска-Цалева, анализа на работата на Коцевски
По само една недела од назначувањето, обвинителката Наташа Крстевска-Цалева побара да не раководи со Вишото скопско обвинителство. Коцевски сам ќе се повлече ако се утврди тешка дисциплинска повреда.

Државниот обвинител Љупчо Коцевски го нарушил угледот на обвинителството и придонел за лошите состојби, оцени Владата. Оттаму побараа, Министерството за правда да донесе предлог за негово разрешување.
Предлогот ќе се достави до Советот на јавните обвинители кој треба да го разгледа и да даде мислење
Откако владата поткрена иницијатива за негова смена, државниот обвинител со став – политички изјави нема да коментира, но ако се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда, која може да биде услов за негово разрешување, ќе се повлече од функцијата.
Првиот човек во обвинителството тврди чесно работел и не постојат аргументи за негова смена.
Во меѓувреме, се усложнува состојбата во Вишото скопско обвинителство. Раководителката Наташа Крстевска Цалева, која на предлог на Коцевски и Советот на јавните обвинители ја назначи да управува со ова Обвинителство по суспензијата на Хајрулахи, по само една недела од изборот побара да ја сменат оти имала многу работа, малку искуство, а на нејзино место да дојде колега со подолг стаж.
Изборот на Крстевска Цалева, Владата го оцени како незаконски и го наведе како една од причините за да иницира разрешување на државниот обвинител Коцевски
Анита Димитријевска - Велковска
